Maof logo
Macedonian association for organic food image
Organska hrana slika 1 Organska hrana slika 2 Organska hrana slika 3 Organska hrana slika 4 Organska hrana slika 5 Organska hrana slika 6

Марјан Ѓорчев: Минатото е наша блиска иднина

Основна карактеристика на современиот начин на живеење е забрзувањето. Аристотел и Галилеј спореле околу тоа, дали мирувањето или движењето е суштествено за материјата. А човекот е материјално битие. И светот во кој живееме денес е материјален. Галилеј победи не само научно, туку и во поимањето на смислата на животот. Долгите редици на смирено исчекување со задолжителната книга под мишка, човештвото дефинитивно ги замени со перамнентен недостиг од време. Постојано се ита некаде:по работа, по пари, по предмети?! На обичниот човек се повеќе му недостасува време за своите блиски, за пријателите, за љубов... Обновувањето на работната човечка сила се обавува преку исхраната и одморот. Одморот е хиперактивен. Со вокмен-слушалки во ушите, со постојано притискање на копчетињата од далечинскиот управувач на телевизорот, со компјутерското глувче во рацете. Инстант храната и готовите јадења се повеќе го заменуваат некогашниот задолжителен семеен ручек, што ја одржува компактноста и кохезијата во семејството. Човекот полека, но, сигурно се роботизира.

Единствената одбрана од таквите механички форми и облици на живот, кои што човечките суштества ги претвараат во униформен, безличен материјален облик на постоење, е одржувањето на врските со природата. А врската со природата човек ја одржува преку земјоделското производство. И тоа не онаа производство кое се потпира на препораките на големите хемиски концерни за производство на ѓубрива, препарати за заштита на растенијата, употреба на генетски мофифицирани семиња, а се во функција на профитот. Организацијата на земјоделското производство на тој начин е причинител за појавата на неизлечиви вируси и болести, од типот на „лудите крави“ и „птичјиот грип“. Да се само тие...?! Ненаметливо, скромно, тивко почна да се шири размислата дека природното земјоделско производство на здрава храна, наречено уште и органско производство е спасот за современиот човек. Се почесто се дебатира за тоа. А има и зошто. Пред се, затоа што и двете најприродни работи во животот, репродукцијата и храната се сериозно обременети со вештачки функционални облици. Синтетика, медикаменти, пластика... Меѓутоа, малку кој знае нешто повеќе што е тоа органско производство, здрава храна и воопшто за новата надеж, преку исхраната да се задржат вредностите на нормално човечко живеење.

Органското земјоделско производство во основа ја потврдува временската димензија на опстанокот на човештвото, користејќи ги искуствата од минатото, како препорака за нова иднина. Тоа подразбира таков начин на организација на производствени активности, кои што дефинираат еден нов производен процес во целина, а не дефинираат поединечен производ. Значи, не се работи за еден или повеќе специфични видови органски производи, туку на еден долгорочен процес на организација на производство, што треба да се вгради во македонскиот агро-економски систем. Тој нов процес на земјоделско производство во себе инкорорира усогласени земјоделски, научни, социјални и економски компоненти. Основна цел на органското производство е зачувување на животната средина, биолошка рамнотежа и биолошка разновидност на македонската природа. За да се реализира целта, се применуваат агротехнички, механички и биолошки методи, кои сами по себе ја исклучуваат примената на синтетички материјали. Во најголем дел се забранува употребата на пестициди, инсектициди, хербициди и вештачки ѓубрива. Органското земјоделско производство забранува употреба на хормони и користење на генетски модифицирани организми.

Функцијата на вака организираното производство е да произведе здрава храна. Притоа, човек да биде во постојан контакт со природата, да се стреми да ја облагороди животната средина, без претензии човечкото влијание да ги наруши природните законитости. Таков производен циклус во кој што и самот човек е дел од биолошката рамнотежа во природата, обезбедува затворен круг на користење на органските отпадоци, а со тоа се штити животната средина.

Секое производство почива врз одредени принципи, вклучително и органското. Исхраната на почвата, а не на растенијата, како и искористувањето на природните саморегулаторни механизми (плодоред и употреба на корисни видови инсекти), е примарно за производството на здрава храна. Забраната за изградба на индустриски капацитети во зоните на органско производство, е исто така важна закономерност. Враќањето кон автохтоните отпорни сорти, го афирмира традиционалниот начин на обработка на земјоделските површини, што овозможува природно одржување на квалитативните својства на земјата.

Органското производство овозможува одржување на биолошката рамнотежа во природата со најмала потрошувачка на енергија. Секое производство на синтетички препарати, независно дали се работи за вештачки ѓубрива или хемиски заштитни средства, подразбира огромна потрошувачка на надворешни видови на енергија, а објектите за производство, пренос и отпадоците ја загадуваат животната средина. При организација на органско производство се обезбедува затворен круг на користење на енергијата. Фармерско одгледување на крупен добиток покрај основниот производ млекото, како нуз продукт го дава и арското ѓубре. Тоа ѓубре се фрла на почвата, азотот од ѓубрето се врзува за земјата, преку земјата се раѓа нов производ - пченка, која што се користи како основна исхрана на добитокот, при што се добива повторно млеко, ѓубре...и затворениот круг на користење на енергија е природен перпетум мобиле.

Во Република Македонија се говори многу за органското земјоделско производство. Се објаснува суштината на тоа производство, се толкуваат принципите, се издаваат прирачници со упатства како треба да се произведува здрава храна. Има пионерски обиди да се усвои овој вид на производство. Но, јас сум на мнение дека немаме усвоено организиран органски начин на производство.

Онаа што претставува предност за нашата држава и основна претпоставка за органски начин на производство, е незагаденоста на македонската почва. Изумите и пронајдоците на индустриската револуција ја заобиколија нашата земја. Ние немаме проблеми со нуклеарен отпад, немаме големи хемиски депонии. Република Македонија е сеуште во ерата на пластичното време, кога наш најголем проблем се отпадоци во вид на пластични кесиња, полиетиленска фолија и сличен пластичен отпад. Но, тоа е детска болест во споредба со огромната загаденост на почвата на високо развиените индустриски земји.

Македонските земјоделски производители потпрени врз традиционалните начини на обработување на земјоделските површини, успеале да избегнат загадување на обработливите почви. Факт е дека имаме квалитетно и природно земјоделско производство, без и да знаеме што е тоа органско производство.

До кога ќе биде така зависи од нас самите. Сертификацијата на органскиот начин на производство е пропишана од Меѓународната федерација за органско производство. Од особена важност е едукацијата на кадри за сертификација и отварање истурена единица за контрола на квалитет, на некоја позната европска сертификаторска куќа. Потребата од консумирање на здрава храна се поттикнува само преку подигање на свеста на потрошувачите за нејзината важност по здравјето на луѓето. Маркетинг едукацијата за таа намена e долготраен и мачен процес. Потоа, треба да се создадат и услови за пласман на органското производство. Во нашата земја нема Агро-Берза да обезбеди конекција на понудата и побарувачката за тој вид производство. Конечно, оформувањето на едукативни сервиси, техничка поддршка и помош за македонските земјоделци, е нужен услов за усвојување на органскиот начин на производство.

Кога сето тоа ќе го обезбедиме како претпоставка за органски начин на производство, тој процес на производство ќе функционира и ќе се надградува сам по себе. Неговото прогресивно проширување ќе биде дел од нашето секојдневие. Враќајќи се кон минатото, со помош на традицијата и новите агротехнички форми на знаење, да направиме голем цивилизациски исчекор напред. Без брзање. Времето навистина е пари. Ама не е се во парите...

Назад