Maof logo
Macedonian association for organic food image
Organska hrana slika 1 Organska hrana slika 2 Organska hrana slika 3 Organska hrana slika 4 Organska hrana slika 5 Organska hrana slika 6

Форум (А.Темков): Производство на здрава храна

Надежта на Велес како најзагаден град во државава во својот округ сепак да "изроди" нешто здраво, ја спасува иницијативата на неколку еколошки невладини организации кои неодамна го обзнанија веќе три години спроведуваниот проект "Локални иницијативи за органско земјоделство" чии резултати на јавноста ќе i бидат достапни во форма на глобално сe попопуларната "органска здрава храна". Со промовирање на кампањата "Вкусна органска храна! Произведено со природата", еколозите се обидуваат да ја скршат скепсата околу фактот дека оловно-цинковната контаминираност на земјиштето на овој град сепак не може да биде предуслов за производство на здрава храна. Тие тврдат дека повеќето од извршените испитувања на земјиштето покажуваат резултати дека загаденоста сепак е во кругот од најмногу 15-тина километри околу Топилницата, а остатокот на велешкиот реон е "чист и реално податлив за одгледување и производство на ваква здрава храна".

ГРИЖА ЗА ПРИРОДАТА!

"Велес е еден од петте проектни региони на чии површини се имплементирани техниките на органското земјоделство", најавуваат еколозите и агрономите кои мошне "загреано" ги наведуваат и другите региони: Свети Николе, Малешевијата, Струмица и Тиквешијата. Резултатот на тригодишната примена на производството на здрава храна како алтернатива на конвенционалното производство е бројката од деведесетина земјоделци кои се согласиле на нивните поседи да применуваат ваква форма на земјоделие. Производството на здрава храна без пестициди и минерални ѓубрива, произведена во чиста средина и од здрави животни, од земјоделци кои се грижат за природата и за производство на храна со загарантиран стандард за квалитет се принципите на органското земјоделие кое се спроведува под строга контрола и според правилникот на ИФОАМ (Меѓународна федерација за органско производство) за производство и преработка на земјоделски производи. "Се применуваат агрономски, биолошки и механички методи и се отфрла примената на какви било синтетички материјали", категорични се визионерите на заложбата за воведување на производство на органска храна во Македонија, потенцирајќи дека чувствата на земјоделците и потрошувачите кон заштитата на човечката средина и природата растат паралелно со грижата за квалитетот на храната како биолошка потреба и неминовност.

Всушност, глобалната тенденција за производство на здрава органска храна е резултат на загриженоста и будењето на совеста на луѓето заради претераната употреба на супстанции со исклучителна отровност заради добивање поголеми приноси. Синтагмата "Светот мора да се нахрани!" иако најмалку звучи "отровно", во својата "квантитативна" определба содржи токму најмалку "квалитативност". Интензивното (или конвенционалното) земјоделие користи синтетски пестициди и минерални ѓубрива кои освен поголеми приноси, носат и постојана опасност по здравјето на луѓето. Оттука и тенденциите за производство на храна која, пред сe, најмалку ќе биде штетна по здравјето, со која се придонесува и за зголемена еколошка грижа за животните средини и природата.

ХРАНАТА КАКО НАЈЗНАЧАЕН ПОТРОШУВАЧКИ РЕСУРС

"Дали брзото темпо на животот ни наложува да купуваме во од само за да ги задоволиме основните потреби за храна, или треба да треба да посветиме внимание на квалитетот, начинот на производство, корисните компоненти, ако не за себе, тогаш барем за сопствените деца?", стои како дилема во брошурата што ја промовира органската храна, алудирајќи на "квалитетот без остатоци од штетни материи" во најзначајниот потрошувачки ресурс.

Промовирајќи го знакот на "вкусна органска храна", реализаторите на проектот "Локални иницијативи за органско земјоделие" најавуваат дека првите производи "произведени со природата", веќе се појавиле на зелените пазари во регионите каде што се спроведува проектот. Тоа се првенствено градинарски и житни култури, потоа производите од грозје (вино и ракија), но и млечни и месни производи. Иако сега засега се работи за ограничени по квантитет приноси и производи добиени од преработка на органски произведената храна, кои можат да се најдат само локално по регионите каде што таа се произведува, зголемениот интерес на други заинтересирани производители (земјоделци и сточари) можно е да i даваат перспектива на оваа модерна светска тенденција. Сепак, производството на ваквата здрава храна подразбира и други елементи околу нејзината оправданост: прво, тоа е развиен дистрибутивен синџир (кој во овој момент практично не постои) и ценовна достапност (иако светските искуства покажуваат дека нејзината поголема пазарна вредност е резултат на нејзината ексклузивност, каде било таа да се побарува).

Назад