Maof logo
Macedonian association for organic food image
Organska hrana slika 1 Organska hrana slika 2 Organska hrana slika 3 Organska hrana slika 4 Organska hrana slika 5 Organska hrana slika 6

Марјан Ѓорчев: Целта на екологијата и улогата на економијата

Сложените политички феномени ја фокусираат економската научна мисла кон готови решенија. Целта не е повеќе да се истражува, ниту да се пронаѓоа, туку да се крие?! Економската наука бара парцијален човек, соодветен за нејзините модели. Меѓутоа, таков човек погрешно ја одразува реалноста. Затоа Галбрајт истакнува дека современите економски модели најчесто служат вниманието на јавноста да биде оттргнато од жешките општествени проблеми. Тоа повеќе не е наука, туку систем на верување. Така треба да биде?! Ако една таканаречена наука, чија појдовна точка е погрешна и несоодветно ја одразува реалноста, не може да даде конкретни резултати, не е проблемот во методологијата, туку во решенијата. Во најдобар случај може да се дојде до некои парцијални решенија. Таквите решенија можат да ја издржат проверката на времето само за краток период, затоа што не се вистинити. Оттука се наметнува потребата за интердисциплинарен приод во формирањето на современа универзална вистина за одржливиот развој на човештвото. Традиционализмот на современата економска мисла е евидентен. Математичките формули и економетријата не помагаат во решaвањето на нарушените односи помеѓу луѓето и нивниот неодговорен однос спрема природата. Нормална реакција на таквото „тивко умирање на мислата“ беше еколошката еуфорија и драматичниот развој на економијата на окружувањето. Обидите да се интегрираат анализите на економските и еколошките фактори за одржлив економски и општествен развој се денешна актуелност. Проблемот на изнаоѓање интегрален економски социолошко-еколошки систем на мисла и акција е сега за сега неразрешлив. Тоа е резултат, пред се, од тоа што квалитативните елементи на природата (водата, воздухот, земјата, горите...) немаат пазарна цена, не можат да се вреднуваат пазарно, ниту, пак, може да бидат предмет на „гола“ економска анализа.

Економско-еколошките теории за иднината на човештвото во основа би требало да истражуваат како ќе функционира економскиот систем при поинакво однесување на човечката индивидуа (отфрлање на егоизмот, напуштање на бесмислената трка за поголем профит, откажување од привилегиите на власта...).

Не е во прашање само поинаква процедура при дефинирање на приоритетите на човековиот економски и општествен развој. Во прашање е кои се новите облици на политичка организација што ќе го поттикнуваат и ќе го формираат таквиот начин на однесување на луѓето. Во крајна инстанција станува збор за воспоставување нова урбано-природна култура, која е заснована на употребната вредност на добрата и стоките, а не на нивната пазарна вредност. Современите партии на „,зелените“ не можат да ја решат равенката за линеарна поврзаност на еколошката димензија на политичка организација надвор од „ултралевите“ политички сили. Да се надеваме дека развојот на човештвото ќе го избалансира овој сегашен недостаток од присвојување на одржливиот развој како привилегија на политичката акција на левицата.

Односот помеѓу државниот апарат и економскиот систем на една суверена држава го детерминира одржливиот развој на просторот и неговите природни особености. Помеѓу државата и економската активност е потребно партнерство.

Државата е одговорна за политичките услови и дефинирање на целите, економскиот систем е одговорен за техничко-економска реализација. Оптимална политика за одржлив развој и унапредување на животната средина се потпира на рационалноста како нејзин прв постулат. Владејачките политичари треба ладнокрвно да ја избегнуваат дневнополитичката драматичност на динамичната економска акција, а да не подлегнат на притисокот на осетно засиленото движење за заштита на човековата околина. Кај вториот постулат „оптималната политика на заштитата на животната средина е ефикасна“, постои нужност од усогласување на екологијата и економијата. Рационалното и штедливо постапување при користењето на природните ресурси е единствено можно остварливо, само ако економската активност се реализира со најмало ангажирање на производните фактори, а со оптимални економски резултати. Државните норми за заштита на човековата околина треба да бидат само назначување на целта, додека економските субјекти треба да имаат техничко-економски маневарски простор сами да ги одберат најевтините патишта за реализација на поставената цел.

Како правилно да се утврдат целите е основниот проблем на одржливиот развој и унапредување на човековата околина?! Како за некоја еколошка мерка да се изнајде оптимален сооднос помеѓу материјалните трошоци и еколошкиот бенефит. Ефикасноста може да се постигне само ако се респектира трошковниот принцип на производствената активност, при што економскиот аутпут се изедначува на ниво на нулта цена со еколошкиот инпут. Тогаш имаме и позитивен економски резултат и квантификација на еколошкиот бенефит. На таков начин се материјализира и третиот постулат на оптималната политика на заштита, а тоа е хармонизацијата на целите помеѓу економијата и екологијата.

Требаше да помине многу време и најголем дел од реките во Република Македонија да бидат отворени канали на отпадна и технолошки загадена вода, енормно да нарасне бројот на заболените од загадениот воздух и нечиста вода (примерот на градот Велес), за да утврдиме дека постои цврста врска меѓу економската добивка и заштитата на животната средина во која живее македонскиот народ. Цената што ја плативме е огромна. Тоа е цена што се плаќа поради нашето незнаење, нашиот немукает, негрижата за поколенијата и воопшто негрижа за иднината на земјата. Не може да се каже дека Република Македонија се разликува од другите земји на ист степен на економски развој, во однос на обидите за разрешување на конфликтот помеѓу општеството и природата. Повоената миграција село-град во Македонија беше силно изразена, особено на подрачјето на град Скопје. Високата концентрација на население што нема урбана култура и индустрија која не води грижа за загадувањето, беа основните карактеристики на општествено-економското живеење на скопјани. Капацитетите Железарница, Цементарница, Металскиот завод „Тито“... заради неурбаното проширување на градското подрачје, се најдоа во центарот на градот?! Загадувањето на воздухот од котларниците на „Топлификација“, издувните гасови на трикратно поголем број од можно подносливиот број на возила за подрачјето на Скопје, придонесе за уништување на вегетацијата, директни заболувања на дишните органи, појавата на неврози и смалување на психо-физичката и работна способност на луѓето. Ако кон тоа се додадат и многубројните отпадоци кои ги исфрлаат индустријата и населението, нерешената градска атмосферска канализација, сликата за неусогласеноста на целите на економскиот и еколошки одржлив развој е целосна. Ако е така во главниот град на државата, тогаш каква може да биде состојбата во внатрешноста?! Единствен спас досега беше што миграцијата село-град испусти цели региони - Мариово, Малеш, Тиквеш... па од тие причини природната средина во внатрешноста е сочувана. Но, дилемата е до кога?!

Луѓето мора да изнајдат начин економската активност да ја организираат на начин што ќе обезбеди еколошка репродукција на природната средина. Еколошката репродукција на природната средина ќе претставува нова револуција во историјата на човештвото и развојот на заемните односи помеѓу човекот и природата. Со развојот на еколошката свест, ќе се формира еколошка техника која овозможува контрола на животната средина. Како точно ќе изгледа македонскиот простор во иднина, не може да се предвиди со точност. Во Македонија природата би можела да издржи уште многу човечки недоследности. Сепак, тоа не може да се толерира во недоглед...

Назад