Maof logo
Macedonian association for organic food image
Organska hrana slika 1 Organska hrana slika 2 Organska hrana slika 3 Organska hrana slika 4 Organska hrana slika 5 Organska hrana slika 6

Уште една манифестација на органска храна

Скопје, 4 октомври 2014 (МИА) – Во трговскиот центар „Капитол“ во скопската општина Аеродром денеска е отворен 7.Фестивал на органска храна што го организира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со Здружението на производители на органска храна.

На повеќе штандови им се нудат на потрошувачите разни видови овчо сирење, месо, компири, маслинки, ореви, бадеми, мед и други производи од органско потекло.

Целта е да се подигне свеста кај потрошувачите да конзумираат здрава органска храна со што ќе се подобри квалитетот на животот и ќе се создаваат здрави генерации.

- Владата започна кампања со цел да го поттикне користењето на здрава органска храна со што би се придонело луѓето да го сочуваат здравјето, да се подобри квалитетот на нивниот живот и да има се помалку болести бидејќи еден од најголемите ризици по здравјето е консумирањето на нездрава храна, изјави заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски.

Тој најави дека како ресорно Министерство преку Програмата за рурален развој ќе продолжат да ги субвенционираат земјоделците кои се занимаваат со производство на органска храна. Годинава за оваа намена биле предвидени околу еден ипол милион евра. 

- Во постојана комуникација сме со здруженијата за производство на органска храна со цел да видиме што ќе им биде потребно за да им излеземе во пресрет со дополнителни мерки со што уште повеќе би го поттикнале производството на органска храна, нагласи Костадиновски.

Дел од манифестацијата првпат годинава се Организацијата на потрошувачите на Македонија и децата од градинката „Срничка“.

 

Државата која повеќе години финансиски го поддржува органското производство, за негова поголема афирмација најавува и отворање на специјализирани продавници за органска храна низ целата држава, како и воведување органски производи на менијата во градинките.

 

Извор: МИА

Назад